
Црвен крст Струмица успешно организираше симулативна вежба за спасување од сообраќајна несреќа
По повод 8. Мај, Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Општинската организација на Црвен крст Струмица денеска во центарот на градот, пред Трговскиот центар „Глобал“ организираше показна вежба за спасување од возила при сообраќајна несреќа и давање прва помош на повредени.
Сообраќајните правила и прописи треба да се почитуваат за да го заштитиме сопствениот живот и животот на другите учесници во сообраќајот. Да се придржуваме до препораките на Републички совет за безбедност во сообраќајот со поголемо внимание кон пешаците, велосипедистите и возачите на мотоцикли, беше мотото на денешната вежба.
-И ние и граѓаните треба да бидеме подготвени и да знаеме како некому правилно да му укажеме прва помош, бидејќи не знаеме кога не некој ќе му биде потребна и треба секогаш да бидеме подготвени, рече Танкица Стојанова, волонтер од Црвен крст Струмица.
Вежбата се организираше во соработка со Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, СВР Струмица, ТППЕ Струмица, Дирекцијата за заштита и спасување и ЈЗУ „Здравен дом“ Струмица.
На сите им искажуваме голема благодарност за помошта и соработката.
< врати се назад